Претседателите на Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора на Македонија, доц. д-р Калина Гривчева – Старделова, проф. д-р Владимир Поповски и проф. д-р Бистра Ангеловска, денес, одржаа заедничка средба на која се разговараше за проблемите со кои се соочуваат во реализацијата на своите активности и јавни овластувања. Притоа, тие се договорија заеднички да настапат пред Министерството за здравство, Министерството за образование и Фондот за здравствено осигурување за да се најдат решенија за проблемите со кои се соочуваат овие асоцијации во своето делување.

Имено, коморите од областа на здравството Укажуваат дека при подготовката на законските решенија е неопходно нивно активно вклучување при изготвувањето на законските решенија од областа на здравството и образованието на здравствениот кадар. Коморите се подготвени со својот стручен и кадровски потенцијал да партиципираат во креирањето на законската регулатива со која ќе се обезбеди поквалитетна едукација, поквалитетна здравствена заштита и позадоволни пациенти и лекари.

Коморите заклучија дека заедничката средба со министрите за здравство и за образование треба да се одржи што поитно и дека веруваат дека со тоа дел од проблемите ќе бидат надминати.