• skm@skm.mk
  • Пон - Пет 8-16 ; Прием на странки од 10-15
  • Објавено на март 30, 2020

Допис од Кризната група на Стоматолошка комора на Македонија

Почитувани,

Сакаме да Ве известиме со мало задоцнување од два дена за новонастаната состојба во нашата држава, а што е поврзано со работењето на стоматолошки здравствени установи, со нашето функционирање.

Се надеваме дека за доцнењето ќе не разберете, но задолжувањето на Министерство за здравство, пред се задолжувањето кое како Кризна група на Комора го добивме од министерството  бараше сериозен ангажман не само на членовите на Кризна група на Комората, туку и на сите кои можеа и сакаа да помогнат.

Минатите денови членовите на Кризна група на Стоматолошката комора на Македонија помогнати и од многу колешки и колеги работеа со цел на 30.03.2020 година нашите колеги од Јавните здравствени установи ( итните служби и службите за детска и превентивна стоматологија) во скоро 20 општини , но и нашите колеги од Приватните здравствени установи во 15 општини во републиката, да застанат спремни на своите работни места, соодветно опремени и соодветно информирани за работа во услови на пандемијата на КОВИД 19.

1.Имено, Министерство за здравство на 27.03.2020 ги задолжи здравствените домови во Град Скопје и 18 општини(Битола,Прилеп, Неготино, Велес, Тетово, Охрид, Виница, Струмица, Липково, Гостивар, Струга, Кавадарци, Радовиш, Кичево,Пробиштип, Крива Паланка, Пехчево и Куманово)  да изготват распоред во кој е бидат вклучен целокупниот персонал и да ја организираат итната стоматолошка служба во две или три смени( 12 или 24 часа) вклучувајќи ги и саботите и неделите.

2.Министерство за здравство побара помош и ја задолжи Стоматолошката комора на Македонија во општини каде што нема здравствени домови  или нема соодветни услови по однос на опрема и кадар во постоечките здравствените домови да ја организира итната стоматолошка здравствена заштита со помош на Приватните здравствени установи , и тоа во 14 општини (Гевгелија, Штип, Кочани, Свети Николе, Берово, Кратово, Дебар, Ресен, Валандово, Богданци, Крушево, Македонски Брод, Македонска Каменица и Делчево) во една смена вклучувајќи ги и саботи и недели што Комората го направи пред се со доброволно јавување на наши колеги, голем дел членови на локалните регионални одбори.

3.Со оглед на очекување епидемијата  со КОВИД 19 го достигне својот врв во наредниот период, сите други приватни здравствени установи во мрежа (освен установите по Орална и Максилофацијална хирургија за кои дополнително со Фондот ќе се определи нивниот режим и обем на работа) треба со својата опрема и кадар да се ставаат во режим на мирување( од дома) при што се должни да даваат совети на нивните матични пациенти по телефон и доколку има потреба на пациентите им  ја закажат посетата на итната стоматолошка служба.

4.Министерството за здравство исто така ги задолжи Приватните здравствени установи во мрежа дека се должни да се вклучат во работата на итните стоматолошки служби доколку се оцени дека е потребно со својата опрема и кадар за што би биле навремено известени.

 

Почитувани колешки и колеги, сакаме да Ве информираме дека со задолжението на Министерство за здравство се прифати и Листата на итни стоматолошки услуги по кои е дозволено да се интервенира, како и Протоколите и препораките за работење во услови на пандемија на КОВИД 19 дадени од Стоматолошка комора на Македонија,  како во итните стоматолошки служби ( независно дали се во ЈЗУ или ПЗУ), така и во Приватните стоматолошки ординации кои не се во мрежа и кои може да продолжат со работа почитувајќи ги истите.

Листа на итни стоматолошки услуги

  • Силна постојана забоболка ( која сама по себе или со лекови против болка не поминува)
  • Акутна инфекција ( оток, тешко отварање на уста или зголемена телесна температура )
  • Поголеми крварења ( кои не сопираат подолг временски период )
  • Повреди во подрачје на забите како и други повреди на горна или долна вилица и повреди во орална празнина

 

Почитувајќи го горенаведеното, Кризната група на Комората донесе одлука на СИТЕ тимови кои од 30.03.2020 година (вработени во ЈЗУ или ПЗУ), не водејќи сметка на опструкција и на пласирани дезинформации дури и од членови на Собрание на Комората, водечки луѓе на некои Регионални одбори, па дури и секакви манипулации и невистини од страна на некои здруженија, самопрогласени „ексклузивни„ заштитници на фелата, сепак се успае да им се  обезбеди  мал пакет, една мала симболична помош од страна на Стоматолошка комора на Македонија  до докторите на стоматологија кои први ќе  започнуват со работа во преадаптираниот систем на стоматолошка здрваствена заштита , во услови на пандемија на КОВИД 19.

Кризната група на Комората не сака ни да мисли дека малата помош е нешто што може да послужи ниту за најкратко време, туку повеќе и беше целта докторите на стоматологија, нашите членови во ПЗУи во ЈЗУ( и нивните претпоставени во здравствените домови) да имаат информација што се е неопходно да имаат и за да може да се заштитат со заштитни одела, еднократни хирушки сетови, маски, ракавици,капи, заштитни визири, најмодерни средства за дезинфекција и чистење на опрема и простор, како и што предвидуваат препораките и протоколите за работа во услови на пандемија но и да нивните пациенти добијат апсолутно безбедни интервенции.

Почитувани, од 30.03.2020 година започнуваат со работа 35 стоматолошки тима во Итни стоматолошки центри во целата држава додека над 1000 стоматолошки ординации ќе останат затворени.

Во овие услови Комората е на став дека е апсолутно потребно и неопходно активирање на повеќе дежурни пунктови кои може да се добијат само и единствено со вклучување на приватните стоматолошки здравствени установи кои се во мрежа зошто на овој начин сега се оставаат многу работи недоречени и нерешени, и тоа:

– во услови на обезбедување помош само на итни дијагнози и во услови на ограничено движење на граќаните кога имаме и општа препорака за останување дома за сите, на секоја поголема општина неопходно е да има повеќе дежурни амбуланти

-во моментот нема официјално решение како и на кој начин ќе се одвива пропишувањето на терапијата, издавањето на упатите, боледувањата  итн.

Со оглед на најмалку овие наведени факти ние очекуваме да министерството како и досега покаже слух за нашите анализи и во најскоро време се дојде до најоптимално и избалансирано решение.

Како Кризна група на Комората, како Комора апелираме до СИТЕ Вас, до секој член во Вашите тимови да се потсетите на тоа што значи солидарност, колегијалност, етика, помагање, да се потсетите на сите работи кои да Ве направат подобри луѓе и подобри колеги и дека не треба на социјалните мрежи да си ја  покажувате Вашата најлоша, најнеколегијална и најмалку етичката и човечка страна што впрочем сакаме да Ви укажеме дека е и сериозно прекршување на Кодексот на стоматолошка етика и деонтологија на Комората на кој многумина треба да се потсетат, и тоа пред се на :

 

ОДНОСИТЕ МЕЃУ ДОКТОРИТЕ НА СТОМАТОЛОГИЈА

Член 46

Докторите на стоматологија се должни да соработуваат меѓу себе. Темелните вредности на меѓусебната соработка е базирана на другарство, искреност и отвореност, толеранција, пренесување и размена на знаења и искуства и на меѓусебно почитување како личности и на трудот што го вложуваат.
Докторот стоматолог кон својот колега и кон другите соработници треба да се однесува така како што тој сака тие да се однесуваат кон него.

Член 47

Докторот стоматолог го цени и почитува знаењето, трудот, достоинството на колегите доктори на секој соработник, без оглед на работното место, бидејќи само такви односи обезбедуваат услови за креативност и конструктивна критика.

Член 48

Односите помеѓу постарите и помладите доктори треба да се темелат врз взаемно почитување и искрена соработка.
Постарите доктори се должни своите стручни и животни искуства несебично да ги пренесуваат на помладите.
Стручното и животното искуство на постарите доктори може да биде од драгоцена вредност за помладите и тие се должни тоа да го ценат и да го почитуваат.

Член 49

„Докторите стоматолози се должни да бидат солидарни и да се почитуваат меѓу себе, како и другиот медицински персонал „

Член 50

„Докторите по стоматологија се должни да покажат солидарност кон својот колега „

Член 51

„Правилото на колегијалност, искреност и правичност, бараат докторите на стоматологија да се стават во одбрана на колегата кој е необјективно, односно без конкретни докази нападнат итн„.

Член 52

„Разидувањата во мислењата помеѓу докторите стоматолози никогаш не смеат да предизвикаат јавни манифестации спротивни на темелните вредности на меѓусебната соработка.„

Член 53

За докторот стоматолог е недостојно озборувањето, омаловажувањето, неоснована и лаички во јавноста искажана критика за колегата доктор и за соработниците или за претпоставените на различни нивоа.

 

Апелираме и Ве замолуваме, да се ставете и Вие на местото на колегите , кои во заштитното одело.и со заштитен визир ќе дежураат, помогнете им со тоа што Вашите пациенти ќе ги сослушате и постојано ќе ги советувате и нема да дозволите Ваш пациент кој не е со итна состојба сам се јавува за итна интервенција и со што ќе овозможите на колегите од итна служба да ги решаваат навистина итните случаи почитувајќи ги сите протоколи за нивна безбедност не занемарувајки ја и максималната безбедност на граѓаните до моментот на започнување на работа на повеќе ординации кога можеби Вас ќе Ви ја треба истата помош .

Апелираме и Ве молиме , во интерес на сите , пред се и на Вас самите и Вашите тимови, најскоро, во наредните денови да се докомплетирате со лична заштитна опрема и со се друго што е неопходно согласно протоколите зошто ставот на Комората и на институциите е дека постоечките итни тимови ќе се прошируваат согласно потребите во најскоро време и дека проширувањето ќе е со Вас , во Вашите ординации за што во најскоро време ќе се објави и распоредот за наредниот период.

Стоматолошка комора на Македонија, преку Вашите претставници, Вашите претседатели на Регионални одбори ќе ги добие информациите што и во кое количество е потребно за да изнајдат домашните  производителите (на заштитни одела, заштитни визири, маски и сл.) кои ќе Ви ги посочи за да може да си обезбедите тоа што Ви е потребно.

Почитувани , остануваме доследни дека за сите Ваши проблеми треба да се најде решение.

Пишете на skm@skm.mk    или на меиловите на членовите на Кризна група.

 

Со почит,

Кризна група на Стоматолошка комора на Македонија

 

 

 

Јавете се

+389 2 3246 852

Порака

skm@skm.mk

Посетете не

ул. Балзакова бр. 32, Скопје

Банка

Комерцијална Банка 300000000477179

X