ПОЧИТУВАНИ КОЛЕШКИ И КОЛЕГИ,

 

Првин би сакал да искажам голема благодарност на сите колеги што помагаат и учествуваат во подготовка на информативните текстови кои секојдневно ќе ги објавуваме на  веб страната на Комората.

И покрај тоа што сме уверени дека сте запознаени со скоро сите случувања околу новонастанатата ситуација со корона вирусот, ние како Комора ќе се трудиме навремено да Ве известуваме и Ве запознаваме со информации поврзани поконкретно со нашата дејност, а воедно ќе ги прибираме сите ваши предлози и истите ќе ги доставуваме до институциите надлежни за справување со епидемијата на корона  вирусот, но исто така и ќе се трудиме максимално да ги заштитиме нашите интереси, секако ставаќи го на прво место јавниот интерес и целокупното здравје на населението.

Ве молиме, следете ја веб-страницата на Комората, преку која можеме да Ве информираме за тековната состојба, што е предмет на можни дополнителни и ненадејни промени.

Главната задача на Вашата професионална организација, Комората,  отсекогаш била и ќе биде објективност и професионализам во спроведувањето на мерките, процедурите и протоколите. И сега, важно е сите заедно да ги надминеме проблемите, да останеме собрани во и околу  Комората преку која ќе направиме се, да ги заштитиме нашите колеги, нашите семејства , нашите пациенти и нашата професија.

Без разлика дали колегите  ги согледуваат досегашните напори на комората, и мои како претседател, со сите можни субјективни или објективни забелешки на  нашето работење и  унапредувањето на нашата професија, во овој момент мора да се обединиме во справувањето со ситуацијата и безусловно да ги почитуваме препораките на надлежните институции со што го намалуваме ризикот од загрозување на сопствениот живот како и животот на нашите најблиски, нашите пациенти и сите граѓани во државата.

Искуствата кои пристигнуваат пред се од Кина и Италија покажуваат дека најголем број на позитивни сличаи на корона вирусот од здравствените работници (исклучувајќи ги оние кои работат директно со болните) се стоматолозите, но и дека голем процент на трансмисија на вирусот е направен преку стоматолошки интервенции. Истото беше согледано од повеќе држави во нашето опкружување и пошироко  и веќе се на сила  мерки за забрана за  работа на стоматолошките здравствени установи (најнов пример е Словенија каде има рестрикција  на  работа на стоматолошки ординации од 16.03.2020 година).

Ставањето на одредени региони во карантинска состојба (Дебар, Центар Жупа) и препораката до граѓаните да не одат на лекар и стоматолог освен во итни случаи, ќе доведе до намалување на обемот на стоматолошки интервенции, а со тоа и до појава на финансиски загуби во нашето работење.

Штетите  во овој момент ќе се значителни на ниво на целата држава, но со евентуално ескалирање на состојбата, тие ќе бидат уште поголеми и за нас како стоматолози и за вработените во нашите ординации, независно дали се во или вон мрежа,  за што секако како дејност од јавен интерес ќе бараме помош од државните органи.

Комората и јас како претседател на Комората, Ве разбираме дека сите ние во прв момент ги гледаме личните проблеми кои произлегуваат од состојбата, но мора да разбереме дека проблемот е  многу поголем од нас самите и  мора да прифатиме дека сите ќе претрпиме загуби, но и дека ќе изгубиме уште повеќе, ако не се придржуваме на препораките и протоколите за работа во стоматолошките установи .

Македонија е дел од оваа здравствена криза, со која се зафатени скоро сите правни, јавни и приватни субјекти од сите области на нашето живеење (угостителство, прехрамбена индустрија, образование), а меѓу нив и сите субјекти од здравствениот систем, вклучително  и нашите стоматолошки ординации

Во ситуација кога секојдневно сме изложени на потенцијална зараза, мора максимално да се заштитиме и да обезбедиме безбедност на нашите пациенти.

Ние како Комора, постојано сме во комуникација со надлежните институции, ја соопштуваме нашата проценка за стоматолошката здрвствена заштита на дневно ниво и ги усогласуваме нашите препораки со препораките на  Министерството за здравство.

Но она што сите не очекува е дека мора да се подготвиме во овој момент, но и во наредниот период за економски предизвици за одржување на нашите ординациии.

Во моментот за оние што се во ЈЗУ и во ПЗУ во мрежа, можеби делува дека има некое  финансиско олеснување за месец-два, но со неработење на ординациите,  дури и да не се промени и сегашнава препорака, да се работи само со итни случаи, неминовно сите ПЗУ ќе дојдеме во финансиска неизвесност и неможност да даваме плати на себе, на вработените, да плаќаме кирии и други режиски и егзитенцијални трошоци, за да може воопшто ординациите да опстанат.

Комората и јас како претседател, морам да кажам, бевме изненадени од пристапот и реакциите на нашите членови кои не се во Мрежата и работат приватно, но се надеваме дека нивните реакции се од неинформираност  и дека ќе сфатат дека со времените мерки на Фондот, за жал не се субвенционираат или помагаат нивните колеги во Мрежата, туку се во правец на превенција на ширењето на вирусот преку стоматолошки интервенции и правно-нормативно олеснување на работењето.

Сакаме да им порачаме дека за Комората сите се еднакви и Комората работи во интерес на сите членови и се надеваме дека кризниот период ќе заврши бргу, зошто ако кризата со корона вирусот перзистира подолго или уште повеќе ескалира, за кратко време нема да е од важност дали некој е во мрежа или вон мрежа, затоа што ниедна ординација нема да може да функционира со што нема да може да опстои повеќе од неколку месеци и на сите ќе ни биде потребна помош од државата поради што очекуваме правовремена реакција од институциите.

Државните институции си имаат свои приоритети и затоа државата првин реагира во јавните здравствени установи, потоа во приватните здравствени установи  во Мрежа, односно реагира таму каде што и вложува финансиски средства, во помала или поглема мерка и истите ги контролира.

Во очекување на одлуките на Министерство за здрвство и Кризниот штаб на Владата на РСМ, дали и како ќе продолжи нашето функционирање во нашите здрваствени установи, секако дека поставуваме прашање за опстанокот на нашите ПЗУ бидејќи очекуваме многу бргу да се најдеме во состојба на финасиски колапс.

Стоматолошката дејност во нашата држава , во најголема мерка е приватно (лично) инвестирана  дејност  која исполнува државна задача како дејност од јавен интерес за осигурување на орално денталното здравје.

Поради оваа, Комората ќе превземе  интензивни  разговори и  преговорите со надлежните органи и институции од кои ќе бараме обезбедување достапност на заштитна опрема од стоковите резерви, ослободување од плаќање придонеси, даноци и други давачки за време на траење на вонредните мерки на владата, кофинансирање на платите на вработените во минимален износ од 50% за времетраење на мерките, како и  јасно дефинирана позиција на ФЗО за исплата на вкупните финансиски средства на ПЗУ  во случај на целосен прекин на работата на ПЗУ .

Исто така Комората ќе предложи и ќе инсистира надлежните државни органи да не ја исклучуваат стоматолошката дејност , односно ПЗУ кои се формирани за стоматолошка здравствена дејност од фондовите кои ќе ги помагаат малите и средните бизниси кои ќе претрпат штета од вонредните мерки.

 

Овие постапки, како и сите други постапки кои не зависат од државните институции, а кои зависат пред се од одлуките кои може да ги носиме ние како Комора и јас како претседател на Комората, поврзани со плаќање на членарина, финансиска помош за сите за кои ќе се процени дека е неопходно, посебна помош за оние за кои ќе се утврди дека се позитивни на корона вирусот, итн.,  ќе ги донесеме најбргу што е можно  согласно актите на Комората за што веднаш и ќе Ве информираме.

Што се однесува до мерките на ФЗО, тие  се времени мерки и  ќе се однесуваат и важат од Понеделник (УО на Фондот ги усвои вчера попладне), само за краток период за да може да функционира системот на Фондот, кој се однесува на матичните лекари и стоматолози.

Се ставаат со одлука на УО на ФЗО  во  законска рамка:

– Превентивно непримање  на осигуреник, ако нема потреба  од итна интервенција;

– Укинување на системот за задолжително исполнување на превентивни цели;

– Измени во режимот на пропишување на боледување;

– Укинување на хартиена комуникација  ПЗУ-ФЗО;

– Овозможување на неисполнување на лимити за специјалист, со можност за доисполнување во нареден период,  и така натаму.

Стоматолошката комора на Македонија е во постојан контакт со надлежните институции и овие мерки за кои е договорено со Фондот и Министерството ќе трпат измени, зависно од состојбата во државата.

.

Ве молиме, следете ја веб-страницата на Комората ( www.skm.mk)  , преку која можеме да ве информираме за тековната сосотојба , што е предмет на можни дополнителни и ненадејни промени.

Ве молиме за разбирање и секогаш Ви стоиме на располагање за секој вид на помош.

Отворени сме за сите предлози, мислења и сугестии ќе се обидеме во најкраток можен рок да одговараме на сите Ваши прашања.

Контакт: е-mail  skm@skm.mk

 

Со почит и молба за разбирање

                                    Претседател на СКМ,

                                  Д-р.Маријан Денковски