КОМИСИЈА ЗА ЕТИЧКИ И ПРАВНИ ПРАШАЊА
КОДЕКС НА СТОМАТОЛОШКАТА ЕТИКА И ДЕОНТОЛОГИЈА И ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со терминот “ДЕОНТОЛОГИЈА”, во поширока смисла на зборот, се означува како наука за должностите. Додавката пак, лекарска, односно, стоматолошка деонтологија го стеснува и лоцира овој поим како учење за лекарската етика, т.е. етичкото однесување на лекарите при сите постапки поврзани со пациентите и медицинскиот персонал.
Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија претставува систем на етички норми врз кои се втемелени взаемните обврски помеѓу стоматолошката професија и општеството и ставени во функција на заштита и унапредување на човековото здравје, на строгото професионално однесување при лекувањето на пациентот и заштитата на неговиот личен интегритет и на интегритетот на секој стоматолошки работник .
Етичките и законските норми се блиску во нивната суштина, но тие, сепак, не се истозначајни. Законските решенија секогаш се стремат да бидат етички засновани, но тие никогаш не можат да ги санкционираат сите етички норми, па токму заради тоа етичките норми често се построги од законските.
Изворните норми и начела на Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија произлегуваат од Хипократовата заповед и Свечената изјава што ја потпишува секој што се стекнал со диплома за доктор на стоматологија.
Стапувајќи во стоматолошката професија докторот на стоматологија свечено се обврзува дека :
– Својот живот ќе го посвети на хуманоста;
– Својата професија ќе ја врши совесно и одговорно;
– Највисок императив во професионалното делување ќе му претставува чување и враќање на здравјето на пациентот;
– Ќе ги чува тајните што ќе му бидат доверени при вршење на професијата.
– Со сите сили ќе ја чува честа и благородните традиции на стоматолошката професија;
– При вршење на своите стоматолошки должности нема да прави никакви разлики поради воздраст, пол, националност, раса, политичка припадност, сексуална наклоност, хендикепираност и општествено – економски статус;
– Ќе го почитува човечкиот живот од зачнувањето па натаму, и дури под закани нема да го применува своето знаење спротивно на законите на хуманоста;
– На своите учители ќе им го искажува должното почитување;
– Кон колегите доктори на стоматологија, доктори од другите области на медицината и останатиот медицински персонал, ќе се однесува со респект и должно почитување на нивниот личен интегритет и нивниот труд.
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 2
Со стоматолошката дејност активно и легално може да се занимава доктор на стоматологија кој се стекнал со диплома за истото звање, кој положил стручен испит и се стекнал со лиценца за работа издадена од страна на Стоматолошката комора на Македонија.
Член 3
Докторот на стоматологија има право да членува во Македонското стоматолошко друштво и во релевантните стручни друштва и здруженија, а членувањето во Стоматолошката комора е задолжително.
Со престанување на членството во Стматолошката комора се губи и лиценцата за работа.
Член 4
Докторот на стоматологија, член на Стоматолошката комора е должен да ги извршува обврските кон Комората, должен е да ги почитува и спроведува одлуките на органите на Комората, а истовремено и да бара Комората да ги штити неговите права и интереси.
Член 5
При вршење на својата професија докторот на стоматологија, во согласност со степенот на својата стручност е самостоен и независен.
За својата работа е одговорен пред својата совест, пред болниот и неговото семејство, пред органите на Стоматолошката комора на Македонија и пред Законот.
Член 6
Докторот на стоматологија е должен да ги почитува законите, подзаконските акти, упатствата од надлежните државни органи, освен ако тие се во спротивност со интересот на здравјето на болниот.
Член 7
Докторот на стоматологија е должен да направи соодветна стоматолошка услуга и при тоа е должен да го почитува човековото достоинство на пациентот.
Докторот на стоматологија, заедно со колегите и другите медицински соработници, е должен да ги почитува правата на пациентот и да ја негува нивната доверба.
Докторот на стоматологија е должен да ги почитува етичките и деонтолошките норми во својата професија и во односите доктор -доктор, доктор – пациент и доктор – други здраствени работници.
Член 8
Докторот на стоматологија е должен постојано да ги усовршува своите стручни знаења и да ги следи процесите за континуирана стручна едукација.
Должен е да се грижи и да се залага за стручната оспособеност, моралот и етиката на соработниците.
Должен е, во согласност со својата стручна подготовка и оспособеност, да дава итна медицинска помош и да се грижи за натамошното згрижување на загрозениот човек.
Член 9
Препонтенцирањето на сопствената личност и на сопствената работа не се во согласност со стоматолошката професија и со Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија.
Член 10
Во својата секојдневна стоматолошка пракса докторот на стоматологија ќе ги применува методите и средствата за лекување што се потврдени со доктринарни ставови од надлежните научни и стручни институции и здруженија.
Член 11
При спроведување на нови дијагностички, превентивни или терапеутски методи, како и при спроведување на истражување, докторот стоматолог е должен да ги почитува националните и меѓунаридните правила и прописи.
Меѓу најтешките прекршувања на етичките начела представува изнуденото биомедицинско испитување на човекот.
Строго контролирана постапка за испитување на нови методи на лекување се дозволени само ако е медицински и биолошки оправдано и ако за тоа постои техничка и кадровска опременост, според претходно дадена рецензија од висок стручен и научен орган и согласност на пациентот, односно негов старател или застапник.
ОПШТЕСТВЕНА ПОЛОЖБА НА ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ
Член 12
Докторот стоматолог има значајна улога во заедницата. Решава чувствителни прашања што се однесуваат на човековото здравје и живот. Тоа му создава посебни обврски, посебни задолженија и лична одговорност.
Сето тоа треба да му претставува лично и професионално задоволство.
Член 13
Докторот стоматолог има право и должност преку своите стручни и други организации да се избори за соодветно вреднување на неговата работа, својот општествен статус и да биде заштитен од професионалните ризици.
Член 14
Докторот стоматолог нема право да започне постапки за кои нема соодветно знаење и искуство.
Исклучок се само неопходни (итни) интервенции при повреди и болести кои акутно и непосредно го загрозуваат животот на болниот и повредениот.
Член 15
Докторот стоматолог не смее да се служи со звања кои не ги стекнал легално, односно не му се доделени официјално од надлежните научни, стручни институции, организации или државни органи.
Не дозволено е користење на лажни звања што не се во согласност со фактичките квалификации, а посебно ако имаат рекламен карактер.
Член 16
Докторот стоматолог не смее својата работа во јавната здраствена дејност да ја користи за изнудување на какова било корист од пациентот (материјална или нематеријална) освен јавно дозволената и објавената матреријална надокнада за неговите услуги, со вреднување на услугите.
Член 17
Докторот стоматолог одбива секакви соработки со лица кои незаконски и нестручно ја вршат стоматолошката дејност и за такви случаеви е должен да ги извести надлежните државни органи и органите на Стоматолошката комора.
Член 18
Докторот стоматолог во вршењето на својата професија не смее да се здобива со материјална и друга корист поради пропагирање на фармацевтски, козметички и други производи.
ПРОФЕСИОНАЛНИОТ ЛИК НА ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ
Член 19
Докторот стоматолог во професионалниот и во приватниот живот ги негува и ги покажува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на стоматолошката професија во општеството.
Докторот стоматолог е свесен дека со секој несоодветен, лесномислен, нечесен и понижувачки гест ги компромитира и сите други колеги доктори, односно стоматолошката професија.
Член 20
При објавување на стручни и научни публикации, докторот стоматолог е должен да ги почитува општите закони за печатот и јавните настапи, а особено да го штити личниот интегритет на пациентот и на своите соработници.
Член 21
Етичко – моралните начела во публицистичкиот сегмент на стоматолошката професија се неспоиви со плагијатерство, со стокмување на резултатите и податоците од испитувањата и истражувањата, со фалсификување на резултатите, со селекција на податоците за истакнување на резултати заради добивање на средства за научни и стручни проекти, за стипендии или за добивање на друг вид профит од заинтересирани бизнис групации.
Член 22
Полемиките околу стручните и научните спорови докторот стоматолог да ги води исклучиво преку научни и стручни списанија и собири, а никако преку јавни општи медиуми или со неодговорни изјави пред лаичката јавност.
Член 23
Докторот стоматолог треба да биде свесен за секоја евентуална професионална оневозможеност од здравстена, физичка, емоционална или друга причина.
Докторот стоматолог не смее да извршува стоматолошки интервенции ако е под дејство на алкохол или други супстанции што ја загрозуваат неговата способност да ги врши професионалните обврски.
На докторот стоматолог што ги злоупотребува овие супстанции треба да му се помогне со колегијално укажување дека треба да побара стручна помош.
Докторот стоматолог кој е сведок дека неговиот колега професионално работи под дејство на алцкохол или на халуционогени или други слични супстанции, должен е тоа да го пријави кај надлежните органи на Стоматолошката комора.
Член 24
Докторот стоматолог што поради болест или друга причина е оневозможен да ги врши своите професионални обврски во целост , особено ако со тоа може да ги загрозува пациентите или соработниците, ќе побара соодветна стручна помош и совети и континуирано ќе се придржува кон хив, приспособувајќи ја и по потреба ограничувајќи ја својата професионална активност.
ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ И ПАЦИЕНТОТ
Член 25
Докторот стоматолог доследно го почитува правото на пациентот за слободен избор на лекар.
Кон пациентите кои него го избрале, својата професија ја извршува совесно, одговорно без оглед на воздраста, полот, верата, националноста, расата, политичката припадност, сексуалната наклоност, хендикепираноста, општествено – економската положба и неговиот личен однос кон болниот и неговото семејство.
Член 26
Докторот стоматолог континуирано ги следи достигнувањата на стоматолошката наука и начелата на стручното однесување и притоа слободно и самостојно одлучува за начинот и методите на лекување.
При одлучувањето на начинот на лекување се раководи од своето знаење, својата совест и не потпаѓа под влијание на несоодветна желба на пациентите или нивното семејство.
Член 27
Пациентот секогаш очекува од докторот да му биде наклонет, да го разбира за неговите здраствени проблеми и да има максимално трпение кон него.
Ефикасноста на лекувањето многу зависи и од довербата на болниот во лекарот.
Постапките на докторот стоматолог треба исклучиво да се во правец на олеснување на тегобите на болниот и враќање на неговото здравје. Тој однос не треба да биде мотивиран од користољубие, задоволување на личните амбиции или пак на изнудување на лична материјална или друга корист на сметка на несреќата на болниот.
Член 28
Докторот стоматолог пред да го започе лекувањето или преземање на непосредна интервенција, должен е пациентот детално да го информира за видот на заболувањето, причината поради која дошло до заболувањето, можните натамошни прогреси на болеста ако не се интервенира, начинот и методот на лекувањето или интервенцијата, самиот тек на интервенцијата, исходот од лекувањето и интервенцијата, како и можните компликации по интервенцијата.
Член 29
Информирањето на пациентот за неговата болест и исходот од лекувањето е особено тешка задача за докторот кај неизлечливата болест. Во такви случаеви треба индивидуално да се проценува дали вистината да му се соопшти на пациентот или на неговото семејство.
Во секој случај, на пациентот не смее да му се откаже – неопходната лекарска грижа, моралната поддршка и вербата дека болеста ќе биде совладана.
Член 30
Докторот стоматолог за одредени интервенции е должен да бара писмена согласност од пациентите, пред да пристапи кон извршување.
За хируршките интервенции кои се прават кај неполнолетни личности се бара писмена согласност од родител, старател или правен застапник.
Само во случаеви кога пациентот се наоѓа во животна опасност и треба да се направи итен зафат, докторот може да интервенира без согласност на болниот, на неговото семејство или на старателот.
Член 31
Докторот стоматолог не смее да одбие да интервенира кај пациент кај кој е потребна итна стоматолошка помош.
После таквата интервенција тој е должен да го упати до неговиот матичен стоматолог со писмена информација за интервенцијата што е направена.
Член 32
Докторот стоматолог треба да биде самокритичен за нивото на својата стручност и нивото на интервенциите што може да ги направи.
Во моментот кога ќе оцени дека неговите стручни можности се исцрпени а болеста не е решена, го пропратува пациентот до соответен доктор специјалист.
Заедно со упатот до специјалист ја доставува и целокупната документација за досегашното лекување.
Член 33
Докторот специјалист кој го прима упатениот пациент не ги коментира јавно и пред пациентот претходните постапки на лекувањето.
Ги презема сите мерки за соодветно лекување на болниот и по излекувањето го враќа пациентот кај матичниот доктор за понатамошна грижа.
Доколку докторот специјалист утврди неправилности во претходниот третман, тој е должен тоа да му го соопшти на колегата кој претходно го лекувал пациентот, во пријателска и колегијална атмосфера.
Таква констатација не треба да се коментира или да му се соопштува на пациентот, освен во евентуални судско- медицинска постапка ако се бара вештачење од страна на судските органи.
Член 34
Докторот стоматолог покажува разбирање за загриженоста на фамилијата и роднините на пациентот и со нив соработува во согласност со етичките начела и во интерест на пациентот.
Притоа, со фамилијата и роднините на болниот не треба да се воспоставува односи што може да бидат протолкувани како мешање во семејните односи на пациентот.
Член 35
Доктор стоматолог кој лекува пациент кој живее во семејство или поголема организирана група, ги предупредува сите во заедницата дека треба да ги почитуваат условите и режимот на домашниот престој и дека исто така, по тој основ, и тие се одговорни за успехот на лекувањето.
Член 36
Докторот стоматолог, ако во текот на лекувањето утврди несоодветно однесување на пациетот или на неговите родители и старатели кај малолетни лица, внимателно иŔ авторитативно ги предупредува за тоа.
Доколку продолжи таквиот однос, а не се работи за потреба од итна интервенција докторот може да го прекине лекувањето.
За таквата одлука го информира пациентот, а причините за прекин ги внесува во стоматолошката документација.
Член 37
Во случај кога не постои потреба од инта стоматолошка интервенција, докторот стоматолог може да се иззема од понатамошното лекување на пациентот, и тоа во случај на:
– Постоење на блиска роднинска или емотивна врска;
– Барање од пациентот, неговото семејство или старателот да примени методи на лекување што се спротивни со начелата на стоматолошката деотологија, односно Кривичниот закон;
– Ако оцени дека неговите стручни способности не се доволни за лекување на конкретниот случај;
– Правен спор меѓу докторот и пациентот или докторот и семејството на пациентот.
Изземањето, лекарот го прави во писмена форма. Во јавните здраствени установи барањето за изземање го доставува до раководителот на јавната здраствена установа, а во приватните здраствени установи до Комисијата за етички и правни прашања на Стоматолошката комора.
Член 38
Докторот стоматолог преба да му помага на пациентот во остварувањето на здраствените и социјалните права, но не смее да се согласи да учествува во одредени злоупотреби, измами, лажни потврди и во издавање фалсификувани документи воопшто.
Член 39
Докторот стоматолог, поставената дијагноза и препорачаните терапеутски интервенции на пациентот, нема да ги образложува на невистинит начин со што пациентот би можел да биде измамен или на начин што пациентот може да го доведат во заблуда.
За изјави што се презентираат на невистинит начин или на начин што може да го доведат во заблуда или измама пациентот, се сметаат:
– што содржат неточно претставување на фактичката положба на пациентот,
– намерно пропуштање на факти неопходни за донесување на правилна одлука за натамошниот третман,
– јасна или вероватна намера да се создаде неоправдано очекување од резултатите што докторот стоматолог може да ги постигне,
– наметнување на став и сугерирање дека посочените услуги се квалитетно супериорни во однос на оние што ги даваат другите доктори по стоматологија, а за тоа да не поседува научно или стручно призната квалификација од надлежна установа,
– сугерира и препорачува извршување на непотребни стоматолошки услуги каде материјалниот мотив е ставен во прв план.
ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ И ИТНАТА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ.
Член 40
Докторот стоматолог не смее да одбие итна стоматолошка помош во кое било време и од кој и да е пациент кога тоа од него е побарано.
Доколку се затекне во ситуација каде животот на пациентот е акутно загрозен и бара итна интервенција, независно што нема најсоодветна стручна подтотовка и непосредно не се бара да интервенира, тој е должен да направи сî што може за да го спаси животот на пациентот.
При епидемии, стихии и други масовни катастрофи докторот стоматолог доброволно се става на располагање на надлежниот државен орган што раководи со отстранување на последиците од стихијата.
Притоа, примарно ги згрижува заболените и повредените кои се најзагрозени.
Член 41
Потенцијалната опасност за здравјето и животот на докторот стоматолог не смее да биде причина за да не биде извршена итна медицинска помош ако постои непосредна опасност по животот на пациентот.
Во случаи на виша сила која непосредно го загрозува здравјето и животот на докторот, непреземањето на итна медицинска помош е оправдано.
ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ ВО ВОНРЕДНИ УСЛОВИ
Член 42
Работењето во вонредна установа посебно го обврзува докторот по стоматологија.
Докторот стоматолог треба да ги познава современите доктринарни начела за работа во вонредни услови, во кои здраствениот персонал има посебна положба и одговорност.
Согласно со начелото на хуманост и солидарност, докторот стоматолог, независно од местото каде работи, треба да биде подготвен да се стави на располагање за работа во случај на вонредна опасност, свесен за моралната и човечната димензија на ситуацијата.
Член 43
Во случај на војна и други вооружени судири, докторот стоматолог е должен да се јави веднаш на повикот на надлежниот државен орган и да почне со својата дејност таму каде што ќе биде распореден.
Докторот стоматолог при обавување на својата професионална дејност е должен да ги почитува Женевските конвенции и дополнителните протоколи.
ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ И ЗДРАСТВЕНОТО ПРОСВЕТУВАЊЕ
Член 44
Во секојдневната практика и развој, здравството постигнува солидни и трајни резултати и преку здравственото воспитување на поединецот и на населението.
Светската здраствена организација ги обврзува сите доктори од сите области на медицината и стоматологијата и останатите здраствени работници, на своето работно место и во јавниот живот постојано да работат на здраственото воспитување, подигнување на здраствената култура со што би им помагале на луѓето и во постигнувањето на подобар квалитет на животот.
Член 45
Докторот стоматолог настојува населението да се насочува кон обука за давање прва помош и здравствена помош во вонредни околности.
Докторот стоматолог има обврски да ги помага активностите на Црвениот крст на Македонија во делот на здраствената заштита на населението.
ОДНОСИТЕ МЕЃУ ДОКТОРИТЕ НА СТОМАТОЛОГИЈА
Член 46
Докторите на стоматологија се должни да соработуваат меѓу себе. Темелните вредности на меѓусебната соработка е базирана на другарство, искреност и отвореност, толеранција, пренесување и размена на знаења и искуства и на меѓусебно почитување како личности и на трудот што го вложуваат.
Докторот стоматолог кон својот колега и кон другите соработници треба да се однесува така како што тој сака тие да се однесуваат кон него.
Член 47
Докторот стоматолог го цени и почитува знаењето, трудот, достоинството на колегите доктори на секој соработник, без оглед на работното место, бидејќи само такви односи обезбедуваат услови за креативност и конструктивна критика.
Член 48
Односите помеѓу постарите и помладите доктори треба да се темелат врз взаемно почитување и искрена соработка.
Постарите доктори се должни своите стручни и животни искуства несебично да ги пренесуваат на помладите.
Стручното и животното искуство на постарите доктори може да биде од драгоцена вредност за помладите и тие се должни тоа да го ценат и да го почитуваат.
Член 49
Докторите стоматолози се должни да бидат солидарни и да се почитуваат меѓу себе, како и другиот медицински персонал и тоа ќе го манифестираат со подготвеност секогаш да помагаат на потешко заболениот и повреден колега или друг соработник, како и за студентите на стоматологија.
Докторите по стоматологија се должни на повик на органите на Стоматолошката комора практично да реагираат, во смисла на помош на колега на кој му е потребна.
Член 50
Докторите по стоматологија се должни да покажат солидарност кон својот колега во случај на тешки хаварии на неговата опрема за работа и простор, предизвикани од човечко насилство, пожари, поплави и други елементарни непогоди.
Член 51
Правилото на колегијалност, искреност и правичност, бараат докторите на стоматологија да се стават во одбрана на колегата кој е необјективно, односно без конкретни докази нападнат од страна на пациент или неговото семејство, средствата за јавно информирање или од страна на државен орган.
Член 52
Разидувањата во мислењата помеѓу докторите стоматолози никогаш не смеат да предизвикаат јавни манифестации спротивни на темелните вредности на меѓусебната соработка.
Работните и другите меѓусебни спорови треба да се решаваат брзо, на мирен и толерантен начин, без вовлекување на другите соработници во спорот и по можност да се решат со меѓусебен договор.
Излегувањето на спорот во јавноста преку несоодветно однесување на докторите влијае на деловниот морал, штети на угледот на докторите стоматолози, стоматолошката професија , на стоматолошката установа и на довербата на болните.
Кога несогласувањата не можат да ги надминат докторите кои дошле до конфликт, Стоматолошката комора, преку својата Комисија за етички и правни прашања, презема инти и задолжителни активности за смирување, при што ги употребува сите мерки утврдени со Статутот на Комората,
При решавање на меѓусебните спорови помеѓу докторите стоматолози ќе биде почитувана мудроста: “И најлошиот договор е подобар од најдобрата судска парница”.
Член 53
За докторот стоматолог е недостојно озборувањето, омаловажувањето, неоснована и лаички во јавноста искажана критика за колегата доктор и за соработниците или за претпоставените на различни нивоа.
Член 54
Во случај на објективно утврдена грешка во дијагностичките и терапетските постапки во претходно лекување, докторот стоматолог е должен своето мислење и забелешки да ги констатира и забележи во писмена форма и достави до стручните и раководни тела на јавната здраствена организација доколку, докторот кој претходно го лекувал болниот работи во неа, или до органите на Стоматолошката комора доколку докторот работи во приватна стоматолошка установа.
Давање на мислење за несоодветното лекување во вербална форма пред пациентот, помошниот персонал и лаичната јавност, не е дозволено и стручно неодрживо.
Негативно мислење за начинот на лекувањето во стручна средина може да се искаже само во присуство на засегнатиот лекар. Мислењето при тоа треба да биде објективно, аргументирано, без лична дискредитација и навреди.
Член 55
Ако пациентот се жали на начинот на лекување или постапување од страна на друг доктор и неговите соработници, жалбата треба да се прими и забележи само заради евентуални натамошни постапувања.
Во непосредниот разговор со пациентот или неговото семејство не смеат да се даваат изјави и оцени за непроучени прашања.
Оценувањето на начините на лекување е стручно и етичко прашање и истото треба да се препушти на соодветни стручни тела, организации и установи.
Член 56
Докторот стоматолог не смее без причина да откаже помош на друг колега, ако истиот го моли за тоа.
Помошта на колегата стоматолог е должен да ја даде во неговата установа ако пациентот е во состојба да дојде или пак во установата на колегата што бара помош.
Докторот кој е повикан да помогне во интервенцијата ја завршува истата без какви и да било коментари пред пациентот.
Евентуално, вакви забелешки другарски му ги соопштува на колегата што го повикал и му честита за доблеста и одговорноста према пациентот.
Член 57
Докторот стоматолог има право и е должен заедно со своите колеги да се бори за својот општествен и социо- економски статус, согласно со својата важна и одговорна улога во општеството.
Докторот стоматолог, од своите стручни и професионални организации, има право да бара адекватно да го вреднува неговиот труд, со квантитативно одредување на цените на неговите услуги и интервенции.
Квантифицираните вредности на поедините услуги што ги нуди докторот стоматолог, се определуваат како цена на услуга и се одредува најниска и највисока цена што може да биде наплатена од страна на пациентот.
Непочитувањето на квантифицираните вредности на услугите донесени од страна на Стоматолошката комора претставува грубо прекршување на темелните вредности на меѓусебниот однос и соработка помеѓу докторите стоматолози и понижување на трудот на останатите доктори.
ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ И КОНЗЕЛИУМОТ
Член 58
Докторот стоматолог ако оцени дека има потреба од стручна помош, се советува со друг доктор поединец или лекарски конзилиум.
Советувањето може да се врши на иницијатива на докторот што го третира пациентот, но и по желба на пациентот или неговото семејство.
Докторот советник може да биде предложен од пациентот или неговото семејство, но за конечно решение со сета одговорност одлучува докторот што го лекува пациентот.
Член 59
Конзилиумот исто така се формира по иницијатива на докторот или по желба на пациентот, односно неговото семејство.
Бројот на докторите во конзилиумот не е строго утврден, но мора во него да учествуваат барем двајца доктори од соодветна специјалност и докторот што го лекува пациентот.
Конзилијарниот преглед се врши во присуство на сите лекари членови на конзилиумот.
По правило, конзилиумот не расправа и не решава во присуство на пациентот, односно член на неговото семејство.
Член 60
По извршениот преглед на болниот и увидот во стоматолошката документација за претходниот третман, конзилиумот го донесува своето мислење и став за досегашното и натамошното лекување на пациентот.
Мислењето на конзилиумот се документира во писмена форма и останува во здравсвената установа каде што се лекува пациентот. Доколку некој од членовите на конзилиумот не се согласува со мислењето на другите членови, така издвоеното мислење исто така се забележува и остава во стоматолошката документација.
Мислењето на конзилиумот, на пациентот, му го соопштува лекарот што го лекува.
Член 61
При учество во конзилиумот нема место за неискреност, пристрасност, престиж, натпреварувачки намери и завист.
Докторот стоматолог не смее да го одбие учеството во конзилиумот, освен во случаевите кога докторот има право да се издели од лекување на пациентот.
Повикот на конзилиумот докторот треба да го смета како израз на доверба кон неговото знаење и оспособеност.
ПРОФЕСИОНАЛНАТА ТАЈНА
Член 62
Докторот стоматолог со закон е обврзан да ја чува професионалната тајна.
За професионална тајна се смета сî што докторот или друг здравствен работник при вршење на својата работа ќе разбере за болниот и за неговите лични или семејни работи.
Докторот е должен да ја чува професионалната тајна и од членовите на неговото семејство, доколку тоа е од интерес на пациентот.
Чувањето на професионалната тајна е должност на докторот и по смртта на пациентот.
Член 63
Во стручните и научно истразувачките публикации во текот на настава, симпозиуми, семинари, податоците за резултатите од истражувањата и заклучоците треба да се соопштуваат така што ќе биде обезбедена анонимноста на болниот.
Јавно покажување на пациентот на научни или наставни цели може да се врши само во согласност со пациентот.
ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ И ЈАВНОСТА
Член 64
Стручните соопштенија на докторот стоматолог во популарните гласила може да бидат наменети исклучиво за пополаризација на стоматолошката струка и наука и за ширење на општата здраствена простветност и здраствената култура.
Соопштенија и објавувања на докторите на резултатите од лекувањето со одредени лекови, материјали, апарати, секогаш треба да бидат во стручни кругови, во здраствениот и научниот печат.
Член 65
Докторот стоматолог не смее при вршење на својата професија и при објавување на резултатите од одредени методи на лекување да стокмува и фалсификува резултати со цел да фаворизира одредени лекови, матрејали или апарати за да оствари матрејална корист од спонзорите.
Член 66
При рекламирањето на стоматолошките здраствени установи во јавните гласила, не е дозволено да се употребуваат атрибутите: најдобри, најефикасни, најбрзи, најбезбедни, најефтини, бидејќи тоа претставува самопрогласување на врвен авторитет без аргументи.
При рекламирањето во јавните гласила дозволено е да се соопшти:
– Името на стоматолошката установа;
– Локација и адреса;
– Просторот и опременоста;
– Методите на лекување кои се применуваат;
– Кадарот со кој располага.
Член 67
Не е дозволено објавување на цени на стоматолошки услуги во јавни гласила, бидејќи ризикот од дезиформацијата и доведување на пациентот во заблуда е голем.
Без направен преглед и направен план на терапија не е можно да биде одредена цена на конкретна услуга.
Член 68
Докторот стоматолог е должен да го објави конфликтот на интереси доколку постои, кога во случаевите на образовни или во научни цели јавно се презентира, односно промовира одредени матерјали, односно кога ќе се објави финансискиот или друг интерес што го има од производителот или од комерцијалниот застапник.
При препорачување на некој производ или постапка, докторот стоматолог е должен вистинито да ја прикаже вредноста на производот и аргументирано да ги докаже успесите од примена на производот.
ДОКТОРОТ СТОМАТОЛОГ ВЕШТАК
Член 69
Во судско медицинската пракса докторот стоматолог многу често се наоѓа во улога на вешто лице.
Работата на вештачење треба да ја врши во согласност со својата совест и знаење, своето мислење во вештачењето, а наодот од него да го даде прецизно и целосно при што апсолутно ќе ги почитува етичките начела на стоматолошката професија.
Член 70
Без оглед на личниот или друг однос кон засегнатите, вештакот при вештачењето треба да биде непристрасен а стручно чесен.
Наодите и мислењето на вештакот треба да бидат стручно издржани и убедливо да се засновани, исклучиво врз аргументи.
Наодот и мислењето од вештакот по правило се даваат во писмена форма.
Член 71
Лажното вештачење со цел да се наштети на една од инволвираните страни, или да се здобие со одредена корист од едната страна, претставува тежок судир со Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија, а и со Кривичниот закон.
ЦЕЛИ НА КОДЕКСОТ
Член 72
Целта на Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија на Стоматолошката комора во Македонија е да ги афирмира етичките вредности и да ги воспостави етичките стандарди кон кои, пак, треба да се придржуваат сите членови на Стоматолошката комора на Македонија и секој претставник на стоматолошката професија.
Членовите на СКМ доброволно и одговорно ги прифаќаат одредбите на овој Кодекс и со тоа даваат индивидуален и активен придонес за довербата што општеството í ја дава на стоматологијата.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 73
Одредбите од Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија на СКМ се обврзувачки за сите доктори на стоматологија, членови на Комората.
Непочитувањето на одредбите на овој Кодекс претставува директен повод за преземање на соодветни мерки од страна на телото и органите на СКМ.
Член 74
Процесуираните постапки поради кршење на одредбите на Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија на Стоматолошката комора на Македонија, се водат пред Судот на честа на Комората.
Член 75
Автентично толкување на одредбите на Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија и дали некоја постапка на докторот стоматолог е спротивна на Кодексот, дава Комисијата за етички и правни прашања.
Автор:
Д-р.спец. Милан Камчев