НАЧИН НА ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата

 

  • ИСПИТНИ СЕСИИ И ПРИЈАВУВАЊЕ

Полагањето на стручниот испит се спроведува во испитни сесии и тоа: февруарска, априлска, јунска, септемвриска и ноемвриска испитна сесија, a по исклучок, заради зголемен број на кандидати може да се определат и други испитни сесии за полагање на стручниот испит. Пријавите за полагање на стручен испит се поднесуваат најдоцна до 15-ти во месецот кој претходи на месецот на закажаната испитна сесија, освен во предвидените исклучоци. Најдоцна 15 дена пред денот на полагањето на стручниот испит, писмено или по електронски пат, секретарот ги известува кандидатите за денот, часот и местото на одржување на стручниот испит.

Трошоците за полагање на стручниот испит се согласно

ЦЕНОВНИКОТ НА УСЛУГИ НА СТОМАТОЛОШКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА и тоа:

– За доктори кои дипломирале во земјата – 33.000,00 ден.

– За доктори кои дипломирале во странство (нострификација на стручен испит)- 55.000,00 ден.

Повторно полагање на дел од испитот (теоретски или практичен) до истекот на рокот од една година по завршување на пробната работа – 10.000,00 ден, односно 12,000.00 ден.

 

ПРИЈАВА ЗА ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧЕН ИСПИТ (ВО ПРИЛОГ)

Полагањето на стручниот испит се пријавува од страна на докторот на стоматологија кој ја завршил пробната работа, најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на пробната работа, со поднесување на пријава за полагање на стручниот испит со прилог докази:

– уверение и диплома за завршено високо образование од областа на стоматологијата, во фотокопија заверена кај нотар;

книшка за завршена пробна работа, пополнета согласно планот и програмата за пробна работа, во оригинал и

потврда за уплатени средства на сметка на Комората, во оригинал.

 

Постапка за признавање на пробна работа и стручен испит положен во СТРАНСТВО

 

Кандидатот кој пробната работа ја завршил и стручниот испит ги поминал и положил во СТРАНСТВО, најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на пробната работа, може да поднесе пријава за признавање на пробната работа и положениот стручен  испит со прилог докази:

диплома за завршен стоматолошки факултет во странство,

решение за признавање (нострификација) на високо образование, издадено од соодветен орган во Република Северна Македонија,

писмен доказ за завршена пробна работа во странство и положен стручен испит и

програма за пробна работа на државата каде е извршена пробната работа и положен стручен испит. 

Доказите се доставуваат преведени на македонски јазик и заверени на нотар.

Секретарот, пријавата на кандидатот кој пробната работа ја завршил и стручниот испит ги поминал и положил во странство, со потребните докази ја доставува до посебна комисија на Комората, составена од три члена. По разгледување на пријавата со доказите, од страна на секретарот се испраќа известување до кандидатот дека му е одобрено, односно не му е одобрено полагање на стручниот испит, писмено или по електронски пат. За кандидатите на кои им е одобрено полагањето, Комисијата им одредува идентификациони броеви под кои ќе го полагаат стручниот испит и ја утврдува листата која ја доставува до испитната комисија.

  • ИСПИТ

Кандидатот, стручниот испит го полага на ден, време и место определено за полагање во доставеното известување од секретарот на испитната комисија. Кандидатот треба да го потврди присуството за полагање на стручниот испит, по писмен или електронски пат, најдоцна два дена по приемот на известувањето.  Кандидатот може да побара одлагање на испитот, само во случаите на подолго отсуство поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, како и повик од надлежен орган, и тоа со поднесување на писмено барање и соодветни докази, најдоцна два дена пред полагање на стручниот испит, за што одлука донесува претседателот на Комората.

Доколку кандидатот не го потврди присуството или го потврди, но неоправдано изостане, ќе се смета дека не го полагал стручниот испит во таа сесија, а трошокот за повторното полагање ќе биде со иста висина како за оние кандидати кои полагале, но успешно не го поминале првиот или вториот дел од стручниот испит.

Ако во текот на полагањето на испитот настанат оправдани причини (болест, несреќа и сл.) поради кои кандидатот не е во можност да го продолжи полагањето, испитот се прекинува и продолжува во наредната сесија за која кандидатот се пријавил, но не подоцна од истекот на рокот од една година по завршување на пробната работа. Кандидатот за постоењето на оправданите причини поднесува соодветни докази.

Тестот за ПРВИОТ ДЕЛ од стручниот испит се формира од базата на испитни прашања и студии на случај, изготвени од комисија. Тестот е составен од прашања и студии на случај кој компјутерски се генерира, односно по случаен избор го одредува софтвер од базата на прашања и студии на случај, најмногу 15 минути пред почетокот на испитот. Тестот се полага електронски, со избирање на еден точен одговор од понудените четири можни одговори. Тестот содржи прашања со вкупно 100 бода (прашањата се бодирани со 40 бода, а студиите на случај се бодирани со 60 бода). Тестот се смета за ПОЛОЖЕН доколку се освоени најмалку 30 бода за прашањата и 40 бода за студиите на случај. Полагањето трае најмногу 90 минути, а резултатите од првиот дел на стручниот испит се добиваат на истиот ден од денот на полагањето. Доколку кандидатот не го положи првиот дел од испитот не може да го полага вториот дел од испитот. Доколку кандидатот не е задоволен од резултатот на тестот, може да поднесе барање за увид во тестот и да изврши увид истиот ден.

По положувањето на првиот дел од стручниот испит, кандидатот се упатува на полагање на вториот, ПРАКТИЧНИОТ ДЕЛ од стручниот испит, кој, по правило се полага наредниот ден, односно најдоцна за пет дена од денот на одржувањето на првиот дел на стручниот испит.

Практичниот дел на стручниот испит се состои од:

  • разговор со пациент,
  • интраорален и екстраорален преглед на тој пациент и/или
  • стручна анализа на рендген снимка или други податоци за дентална состојба на даден случај во овластена здравствена установа или во просторот на Комората.

Вториот, практичен дел од испитот се смета за ПОЛОЖЕН доколку мнозинството од вкупниот број на членови на испитната комисија се согласни дека кандидатот дал задоволителен одговор. Полагањето на практичниот дел од испитот може да трае најмногу 90 минути, а резултатите се објавуваат на денот кога се полага практичниот дел.

Кандидатот кој не го положил вториот дел од стручниот испит, може повторно да го полага тој дел од испитот уште еднаш во првата наредна сесија, доколку не е изминат рокот од една година од денот на завршувањето на пробната работа. Ако кандидатот не го положи вториот дел во наведениот рок, се смета дека не го положил стручниот испит и повторно го полага стучниот испит во целост.

Стручниот испит се смета за ПОЛОЖЕН ако испитната комисија оценила дека кандидатот ги положил двата дела на стручниот испит. Кандидатот кој не го положил стручниот испит во целост (двата дела од испитот), може повторно да го полага испитот се до истекот на рокот од една година по завршување на пробната работа. Доколку кандидатот не го положи стручниот испит во рок од една година од денот на завршувањето на пробната работа, повторно ја извршува пробната работа. По секое повторно извршување на пробната работа кандидатот ја плаќа цената за полагање на цел испит зголемена за 30%.

На кандидатот кој го положил стручниот испит му се издава УВЕРЕНИЕ за положен стручен испит.