Лекарската комора на Македонија, на 28.09.2017 година, свечено го одбележа големиот Јубилеј – 25-години од постоењето на Комората. На свеченоста и придружните манифестации што беа организирани по повод големиот Јубилеј, присуствваше претседателот на Стоматолошката комора на Македонија, проф.д-р Владимир Поповски.
Една од најбитните работи, како што истакна претседателот на Лекарската комора, доц.д-р Калина Гривчева-Старделова, е грижата за квалитетот на континуираната едукација и зајакнувањето на единството меѓу докторите како и враќањето на дигнитетот и подобрувањето на статусот. Секако, како што потенцираше претседателот на ЛКМ, ваквата цел ја поддржуваат сите засегнати од медицинскиот сектор и е потпомогната од Министерството за здравство заедно со Стоматолошката и Фармацевската комора, како и со Здружението на медицинските сестри, техничари и акушерки на Република Македонија кои потпишаа заедничката декларацијата „Стоп на насилство врз здравствените работници“, неодамна потпишана во Љубљана од страна на лекарските комори на 15 земји од Централна и Источна Европа, членки на ЗЕВА”.
Декларацијата ја потпишаа претседателите на: Лекарската комора на Македонија, доц. д-р Калина Гривчева – Старделова, претседателот на Стоматолошката комора, проф. д-р Владимир Поповски, претставникот на Фармацевтската комора м-р Eрол Али, Министерот за здравство д-р Арбен Таравари и претседателката на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Македонија, Велка Лукиќ.
На потпишувањето на декларацијата присуствуваше и државниот секретар во Министерството за здравство д-р Владимир Милошев и Заменикот на претседателот на ЛКМ, д-р Иљбер Бесими.
За „Стоп на насилство врз здравствените работници“, свое обраќање имаше и претседателот на Стоматолошката комора, професор Поповски, кој по тој повод рече:
Насилството врз докторите, без оглед на која бранша припаѓаат, мора да признаеме дека стана еден глобален феномен кој во години на транзиции и воспоставување на норми во здравствениот сектор е сѐ поистакнат кај нас.
Главното мото на големиот Јубилеј – 25години од постоењето на Лекарската комора на Македонија – “Стоп за насилието врз докторите”,секако силно го поздравува и поддржува Стоматолошката комора на Македонија чие членство, за жал, исто така е засегнато од ваквите појави.
Статистиката покажува дека се зголемува бројот на немили инциденти во кои колегите (без оглед дали се од јавниот или од приватниот сектор) трпат навреди, а не ретко и физичка пресметка. Причините за насилие врз докторите се системски и од најразлична природа:влијае едуцираноста на пациентите, стандардот на пациентите но и на докторите,можеби и потенцирано зголемените права на пациентите, непочитување на основните bon-ton начела од едната или од другата страна, зголемувањето на некои нерешени проблеми во здравствениот сегмент кои предолго тлееле…Некогаш, мора и тоа да го признаеме, пресметките настануваат и од несоодветен третман од страна на докторот за здравствениот проблем на пациентот.
Развивањето на свеста за толернација е еден подолг процес на кој мора и сите да работиме.Идеално би било кога докторите би биле што поблиски со пациентите и кога би успеале да изградат еден убав однос на пријателство. Но, сакам да истакнам дека мора да го подигнеме и нашето ниво на едуцираност и стручност и да поработиме на комуникациските вештини. Мора да го воспоставиме концептот на доверба во која проценката, заложбата и зборот на стручњакот – пациентот ќе умее да го препознае и цени. Докторот треба да има предвид дека тој е мостот преку кој на пациентот ќе му помогне да ја преоди сопствената социјална дисконекција за да му го довери здравјетои почитта.
За градењето на една состојба по европски терк од големо значење е толеранцијата и разбирањето меѓу луѓето. Досега, некако како да ја запоставувавме релацијата доктор-пациент. Се чини дека многу повеќе бевме фокусирани кон меѓуетничките или меѓуполовите односи а докторот беше ставен на маргините од ова суштинско прашање.
Секако, неминовно е да очекуваме поддршката од државата за резултатите да станат видливи. Владите во светот веќе формираат нова регулатива со која би се заштитиле здравствените работници која, се надевам, ќе ја имплементираме и кај нас, бидејќи инертноста само може да доведе до намалување на достоинството на докторите и на народот.
За долгогодишната успешна соработка, Лекарската комора им додели плакети на: Стоматолошката комора на Македонија, на Фармацевтската комора на Македонија, Македонското лекарско друштво и Алкалоид Ад Скопје.