–Огромен е бројот на доктори на стоматологија/ дентална медицина кои аплицираат хијалуронски филери и ботокс во нивната секојдневна работа!
–Законската регулатива во момент дозволува единствено на специјалистите по орална хирургија да аплицираат хијалуронски филери и ботокс во нивната секојдневна работа, што значи дека сите останати доктори на стоматологија/ дентална медицина работат нелегално со можен ризик од ригорозни казни од сите надлежни институции!
-Стоматолошка комора на Македонија е со став дека е неопходна промена на законската и позаконска регулатива со што би се овозможило на доктори на стоматологија/ дентална медицина , независно дали се општи или од било која специјалност, со дополнителна обука како дел на КСУ , во содветен простор и со соодветна опрема легално да аплицираат хијалуронски филери и ботокс во орофацијалната регија во нивната секојдневна работа!
-За претходно наведеното Комората ја има и неопходната поддршка и од сите релевантни здруженија кои се занимаваат со естетска медицина!
Ќе се регулира ли, конечно, кој и каде може да врши естетска медицина?’’
Претседателот на Стоматолошката комора на Македонија, д-р Маријан Денковски учествуваше во дебатната емисија „Топ тема“ која се емитуваше на телевизија ТЕЛМА (11.02.2025).
Тема на дебатата беше регулација на користењето ботокс и останати препарати наменети за естетско разубавување, како и кој и каде може да ја обавува наведената дејност од естетска медицина.
Претседателот Денковски дебатираше за иницијативата оваа дејност да биде законски регулирана, а која Комората ја бара од институциите уште од 2018-2019 година. Разговорите по овие прашања биле прекинати со почетокот на пандемијата предизвикана од корона-вирусот. Оваа иницијатива од Комората произлегла од се поголемата примена на ботокс и филери, како и од интересот на докторите на стоматологија/дентална медицина да ја практикуваат естетската медицина, наместо тоа да го работат нестручни лица во козметичките салони што за Комората е надрилекарство и е неприфатливо.
Во погоре наведениот период претставници на нашата Комора имала средби со претставници на здруженијата за естетска медицина, за заеднички настап, со цел овие проблеми да добијат соодветен одговор од надлежните институции, кога и започна комуникација и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат за превземање на мерки во врска со несоодветно вршење на оваа дејност во козметичките салони од страна на нестручен кадар.
Во моментот, согласно постоечките законски и подзаконски акти и прописи, само оралните хирурзи од гранките на денталната медицина/стоматологија имаат можност да аплицираат т.н. ботокс и хијалурон, иако во пракса голем број на докторите на стоматологија/дентална медицина, како општи, така и специјалисти ја практикуваат оваа дејност.
Претседателот Денковски истакна дека е неопходна измена на Правилникот за простор, опрема и кадар за вршење на комплементарна медицина и измена на одредби од Законот за јавно здравје, кои биле наметнати како прашања уште во 2018/2019 година, а целта е определување прецизни услови за практикување на оваа прилично нова гранка од естетската медицина.
Примарна цел на Комората, во што се согласија и останатите учесници во дебатата – д-р Анџелка Илиева, специјалист дерматолог и д-р Игор Пеев, специјалист за пластична и реконструктивна хирургија, е во вршење на оваа дејност да бидат вклучени исклучиво медицински лица, односно здравствени работници со високо образовани, доктори на медицина и доктори на стоматологија/дентална медицина и истата да ја спроведуваат во здравствени установи, во соодветен простор со соодветни материјали и опрема, со согласност за вршење на дејност од Министерството за здравство, пред се заради своја сигурност, како и за максимална заштита на пациентите бидејќи е апсолутно неприфатливо и не смее оваа дејност да се практикува во несоодветни услови(на пр.станови, подруми и сл.), со што се доведува во ризик и професијата и здравјето на пациентите.
Сите се согласни дека е потребна законска регулатива со цел да се намали сивата зона на примена на материјалите за естетска медицина и дека е неопходно заедничко настапување пред институциите кои се надлежни да ги донесат законските измени со очекување истите побрзо да се донесат и да се следат примерите од регионот каде веќе во сите земји законски е регулирано вршењето на естетска медицина и дека не треба да се чека да се случат компликации кај пациенти како последниот случај во соседна Бугарија, Србија и.т.н. за да се спроведат законски измени во оваа област.
Целата емисија можете да ја погледнете на следниот линк: