Почитувани, во изминатиот период имаше многу прашања, шпекулации и дезинформации околу ново настанатата состојба со КСУ, односно околу престанокот на одржување на едукативни настани кои се неопходни за стекнување на бодови за релиценцирање.
Имено, од страна на министерот за здравство, преку од него назначена комисија беше извршен надзор над работењето на Комората по што на 19.03.2025 година Комората доби известување со пропратен извештај во кој беа утврдени наводни неправилности по кои Комората заради заштита на работењето сепак постапи во наведениот рок (до 27.03.2025 година) и како резултат на постапувањето настана прекин на КСУ.
Бидејќи Комората не доби никаков одговор, на 15.04.2025 година испративме Ургенција за барање на итен одговор и понатамошни насоки за да не трпи членството и да продолжи едукацијата, на која ургенција до денес немаме одговор.
Почитувани, Известувањето започнува со заклучок од страна на министерот дека Стоматолошката комора на Македонија т.е. претседателот на комората во периоодот од 2018 до 2025 спротивно на Правилникот за КСУ склучил договори за КСУ со 4 универзитета, 3 друштва и 19 договори со здруженија кои наводно не ги исполнуваат критериумите.
Почитувани, Стоматолошката комора на Македонија е надлежна за КСУ од 2006 и првите акредитирани настани беа на сега веќе „нелегалните здруженија“ при МСД.
Првите договори со здруженијата, и тоа при МСД, СДА и ДДДММ ги склучи претседателот Владимир Поповски за период од 2017- 2021 година , по што претседателот Маријан Денковски истите ги продолжи за период од 2021 -2025 година, што само покажува дека комисијата која го подготвувала известувањето најблаго речено ги погрешила пред се годините на постоењето на договорите и ги занемарила одлуките за Комората КСУ со наводно нелегалните здруженија во периодот од 2006 -2025 година.

Со должно извинување за настанатата состојба за која упорно бараме решение и дури ги задолживме сите заинтересирани да се регистрираат како посебни правни субјекти (што истите и го направија) сепак последен збор е на министерот.
Со почит, Стоматолошка комора на Македонија