Скопје, 1 мај 2026 година
Стоматолошката комора на Македонија изразува сериозна загриженост во врска со информациите дека Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против поранешен претседател на Комората, како и против претседателот и членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања. Според достапните информации, пријавата се однесува на сомневања за злоупотреба на службена положба и овластување.
Комората најостро ги осудува сите форми на незаконско, неетичко и несовесно постапување. Почитувањето на законите, професионалниот интегритет, транспарентноста и етичките стандарди се основа на нашето работење и на довербата во стоматолошката професија.
Актуелното раководство на Комората целосно соработува со надлежните институции, со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуална одговорност, согласно законските постапки. Истовремено, Комората веќе презема мерки за зајакнување на внатрешните контроли, зголемување на транспарентноста и дополнително унапредување на процедурите поврзани со лиценцирањето и континуираната едукација.
Нагласуваме дека овој случај не смее да ја доведе во прашање професионалноста, посветеноста и совесната работа на илјадниците стоматолози кои секојдневно ја извршуваат својата дејност во интерес на здравјето на граѓаните.
Стоматолошката комора на Македонија останува цврсто посветена на заштита на интегритетот на професијата, унапредување на професионалните стандарди и обезбедување квалитетна стоматолошка здравствена заштита за сите граѓани.
Стоматолошка комора на Македонија



