Со големо жалење соопштуваме дека почина проф. д-р Драгољуб Велески – првиот претседател на Стоматолошката комора на Македонија.

Проф. д-р Драгољуб Велески е роден на 20 ноември 1946 година, во с. Селце, Крушево, Р. Македонија. Средно образование завршил во Училиштето забни техничари во Скопје, во 1965 година. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1971, а во 1978 година се здобил со звање специјалист по стоматолошка протетика.

Во 1982 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранил својот магистерски труд и се стекнал со научниот степен магистер на стоматолошки науки, а со одбраната на докторската дисертација во 1988 година на истиот факултет, се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки.

Во 1975 година се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје (подоцна Стоматолошки факултет – Скопје) на Катедрата за стоматолошка протетика, каде што работи се до пензионирањето.

Професор Велески бил раководител на Научноистражувачкиот институт при Стоматолошкиот клинички центар од 1994 до 1996 година и раководител на Клиниката за мобилна стоматолошка протетика од 1996 до 1998 година. Во 1999 година е назначен за раководител на Клиниката за мобилна стоматолошка протетика при ЈЗО Стоматолошки клинички центар во Скопје.

Библиографијата на проф. д-р Велески регистрира над 100 статии објавени во домашни и 33 во странски научни и стручни списанија.

Проф. д-р Драгољуб Велески бил првиот претседател на Стоматолошката комора на Македонија, со мандат од 1996 до 2000 година. Во негова чест, Стоматолошката комора на Македонија, секоја година ги наградува најдобрите дипломирани студенти од сите факултети со Плакета која го носи неговото име.

Професор Велески ќе остане запаметен како извонреден доктор и научник, но и исклучителен човек, високо почитуван од своите соработници и студенти.

Стоматолошката комора на Македонија изразува искрено и длабоко сочувство до семејството, колегите и пријателите на проф. д-р Драгољуб Велески.