Крај за една од најголемите неправедности и неправилности за докторите по стоматологија поврзани со Законот за здравствена заштита и крај за понижувањата на нашите доктори –специјалисти, кои работеа во општи ординации , како и општи стоматолози кои работеа во специјалистички ординации и кои согласно досегашната законска регулатива не можеа да ги обновуваат своите лиценци .
Во изминативе години до денес, докторите специјалисти кои работеа во ординации по општа стоматологија, мораа да добиваат решенија за времено продолжување на лиценците шест месеци, да поминуваат обука од еден месец за примарна стоматолошка здравствена заштита и на крајот, да се откажат од специјалистичката лиценца и да полагаат испит за да се стекнат со лиценца за работа во примарна стоматолошка здравствена заштита, а истиот проблем го имаа и општите стоматолози кои работеа во специјалистички ординации.
По повеќегодишни неуспешни напори, време за кое над 100 специјалисти и општи стоматолози поминаа низ понижувачки “процес на релиценцирање”, конечно, при работење на текстот на Законот за здравствена заштита, успеавме да најдеме заеднички јазик со надлежното Министерство за здравство за да се смени наведената законска регулатива и веќе од 30 јануари 2019 ( “Службен весник Република Македонија” бр 20/19) , и со новата измена во Законот да се регулира дека сите доктори, без разлика каква лиценца имаат ( општа или специјалистичка) и во каква ординација работат (општа или специјалистичка ) ќе се смета дека работат во стоматолошка здравствена дејност и ќе може да ја обноват работната лиценца.
Но на оваа, за нас како стоматолози, голема законска измена, Стоматолошката комора на Македонија гледа само како на почеток на промени и во делот на останатите членови од Законот за здравствена заштита кои следат во наредниот период и тоа, меѓу останатите, за повторно воведување на Ценовникот за минимални (референтни) цени за услугу што пациентите ги плаќаат приватно, можноста за отворање на поликлиники во кои би можеле да работат и примарни стоматолози и специјалисти во еден правен субјект, овозможување на дополнителна работа, како и други важни измени кои само ќе придонесат за конечен почеток на менување на статусот на македонскиот стоматолог.