Собранието на Република Северна Македонија, на седница одржана на 7-ми февруари 2024 година, ги донесе измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита, а истите се објавени во ‘’Службен весник на РСМ‘‘ бр. 30/2024 од 09.02.2024 година.
Долгоочекуваните промени на одредбите кои се однесуваат на основање и работа на поликлиниките стапија на сила од 09.02.2024 година.
Овие измени и дополнувања на Законот ќе овозможат постоечките поликлиники од областа на стоматологијата својот натамошен развој да го остваруваат со формирање нови ординации во свој состав на примарно и секундарно ниво, додека ординациите на примарно ниво да можат да формираат нова специјалистичка ординација на секундарно ниво во свој состав и обратно, а не како посебен правен субјект, така што ќе продолжат да работат како поликлиника и ќе се развиваат како единствен правен субјект.
Законското решение за ПОЛИКЛИНИКИТЕ, пред донесување на овие измени, не дозволуваше во една поликлиника да има ординации од двете нивоа на здравствена заштита. Така, согласно член 70 од Законот кој го уредува ова прашање, доколку поликлиника врши дејност само во областа на стоматологијата, тогаш поликлиника на примарно ниво можеше да се основа само со ординации по општа стоматологија, а поликлиника на секундарно ниво како специјалистичко-консултативна здравствена дејност: орална хирургија, ортодонција, стоматолошка протетика, болести на устата и парадонтот, болести на забите и ендодонтот, максилофацијална хирургија. Тоа значеше дека во еден ист објект, со ист основач, беа регистрирани две здравствени установи: пр. една – поликлиника на примарно ниво со две или повеќе ординации по општа стоматологија во свој состав и друга, посебна установа, која е само специјалистичка ординација, или обратно: една установа која е поликлиника на секундарно ниво, која во својот состав има две или повеќе специјалистички ординации и друга посебна установа – ординација по општа стоматологија. Со тоа се отежнуваше организацијата и работата на установите – во еден ист објект функционираа две посебни здравствени установи, работењето стануваше нерационално, трошоците за работа беа зголемени, а ефективноста намалена.
Ова законско решение ќе го поедностави процесот за учество на докторите на стоматологија на Јавните повици објавени од Министерството за здравство, со исполнување на условите за доделување на лиценца за работа за вршење секундарна здравствена дејност.
Покрај дополнување на Законот со одредбата за поликлиники што спроведуваат стоматолошка здравствена дејност, зголемени се и на надлежностите на Собранието на Комората, овозможено преку дополнување на член 256 од Законот со нова точка 4) која гласи:
‘’4) донесува акт за утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги, односно услугите кои пациентите ги плаќаат со лични средства.’’
Тоа ќе овозможи да се утврдат минимални цени за секоја поединечна услуга, во зависност од реалните материјални трошоци и вложен труд, со што ќе се зајакне меѓусебното почитување и доверба меѓу докторите што ја даваат услугата, ќе се овозможи еднаков пристап на пациентите до истата услуга во цела држава и ќе се унапреди посветеноста во правилно и квалитетно пружање на самата услуга.
Во периодот што следи, овој акт ќе биде изготвен, разгледан од страна на членовите на Извршниот одбор на Комората, а потоа ќе се достави на одобрување од делегатите на Собранието на Стоматолошката комора на Македонија.
Целосниот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (Службен весник на РСМ бр.30/2024 од 09.02.2024) е објавен во продолжение.